Српскиот репрезентативец Дејан Давидовац е повратник и прво засилување за Црвена Звезда за новата сезона.
Меѓу „црвено-белите“, тој се враќа од ЦСКА каде ја помина минатата натпреварувачка кампања, под водство на македонскиот стручњак Емил Рајковиќ, а си замина од московскиот клуб користејќи ја клаузулата во неговиот договор која му го овозможува тоа. Со Звезда тој потпиша договор на три сезони и ќе продолжи таму каде што застана минатото лето.
Од неговото доаѓање во 2017 година, Давидовац одигра 301 натпревар за белградскиот тим и освои десет трофеи од кои три во АБА лигата, четири во српското првенство, два во Купот на Србија и еден во Суперкупот на АБА. Рајковиќ со ова остана и без вториот Србин во составот откако Никола Милутинов не го продолжи договорот и се пресели во Олимпијакос.