Раскол во украинската кошарка: Најсилниот тим одби да плати котизација за учество во лигата

0Shares
0 0

Украинскиот шампион од 2021 година, Прометеј нема да учествува во домашното првенство претстојната сезона ако Кошаркарската федерација не ја смени својата одлука во врска со котизацијата.

Сопственикот на клубот Владимир Дубински објави дека нема шанси да плати толку што што бара федерацијата бидејќи смета дека неговиот клуб е дискриминиран во тој поглед.

„За сите клубови што ќе учествуваат во првенството, котизацијата изнесува 40 илјади гривни (околу 1.100 евра н.з.), а само за Прометеј е 4,5 милиони гривни (околу 120 илјади евра н.з.), 100 пати повеќе. Нема да играме во домашната лига ако не се смени дискриминирачката политика кон нас“, изјави Дубински.

Тој е во директен конфликт со претседателот на федерацијата, Михаил Бродски кој истакна дека ваквата одлука е донесена поради некоректното однесување на Прометеј на меѓународна сцена. Клубот се пријави за учество во летонско-естонската лига, ќе настапува и во Еврокупот на УЛЕБ иако федерацијата инсистираше да се пријави во натпреварувањата на ФИБА поради добрите односи со оваа организација, а во текот на летото се појавиле приказни дека ќе има буџет од 200 милиони гривни (околу 5,5 милиони евра).

Прометеј навистина е најбогат клуб во Украина иако постои само четири години. Ја освои титулата во 2021 година, а ќе ја освоеше и последната сезона ако првенството не беше прекинато поради руската агресија. Поради учеството во ФИБА Лигата на шампионите, Прометеј тогаш се пресели во Чешка каде ги играше своите мечеви од ова натпреварување.

Ситуацијата со Прометеј е слична на онаа со Олимпијакос од 2019 до 2021 година кога не играше во Првата лига на Грција (настапуваше во Втората), но затоа учествуваше во Евролигата затоа што е еден од сопствениците на организацијата.

0Shares
0 0