Финалната серија од шпанското првенство денеска се сели во Мадрид каде треба да се одигра третиот натпревар, а ако Реал победи, таму ќе се игра и четвртиот.
Барселона води со 2-0 и е пред втора шампионска титула во последните три сезони, но поновата историја не учи дека овде ништо не е готово. Едвај нешто повеќе од еден месец помина од историскиот успех на Реал кој стана прв тим во историјата што триумфирал во плејоф серија по негатива од 0-2. Сличен е случајот во финалето од шпанското првенство каде, исто така, досега ниедна екипа не ја освоила титулата откако губела со овој резултат. По воведувањето на овој систем во финалната серија, девет пати било 3-0, четири пати 3-1 и три пати 3-2.
Освен ова, Барселона веќе седум години нема три порази по ред во шпанското првенство, но и тука има еден елемент кој му одговара на Реал. Мадридскиот тим е последен кој успеал три пати по ред да го совлада својот најголем ривал и тоа во финалето во 2016 година. Тогаш Барса славеше на првиот меч со 100-99, Реал го доби вториот со 90-70, а потоа и двата на домашен терен со 91-74 и 91-84. По тој пораз почна големата криза на Барселона, Чави Пасквал си замина, на негово место дојде Јоргос Барцокас и „каталонците“ уште пет години (вкупно седум) не успеаја да ја освоијат шампионската титула.
Од тој тим што ја победи Барселона, во Реал и сега игра легендарното трио: Љуљ-Родригес-Фернандес и тоа им дава дополнителна доза оптимизам на навивачите на мадридскиот клуб. Во тој состав беше и Лука Дончиќ кој тогаш имаше едвај 17 години, а во четирите финални дуели доби вкупно 11 минути.