Не е исклучена можноста Еди Таварес веќе да го одиграл последниот натпревар за Реал Мадрид откако раководството на актуелниот европски шампион не ги прифати барањата на центарот за нов договор со речиси двојно повисока плата.
Во 2019 година, кошаркарот од Зеленортските Острови се обврза на петгодишна верност кон Реал со тоа што платата требаше да му биде зголемувана од сезона во сезона. Тој е најплатен играч на мадридскиот клуб, но последната натпреварувачка кампања, со 1,7 милиони евра нето не беше ни во топ-10 кошаркари во Евролигата што е изненадување ако се знае дека е најдобар центар во моментов во европската кошарка и МВП од последниот Ф4.
Затоа, уште пред шест месеци, кога почнаа преговорите за продолжување на соработката, тој побара три милиони евра нето по сезона што за челниците на Реал е неприфатливо. Тоа доведува до можност Таварес летово да замине во НБА бидејќи за него се интересира Портланд или да ја одигра последната сезона и догогодина да си оди како слободен играч. Откупната клаузула за него изнесува шест милиони евра со тоа што половина би платил Портланд, а половина тој и тоа на рати.
Во Реал се свесни дека ќе биде тешко да го убедат Таварес за нов договор и затоа веќе ја планираат неговата замена. Станува збор за шпанскиот репрезентативец Вили Хернангомес кој го раскина договорот со Њу Орлеанс Пеликанс и можно е да се врати во клубот чиј дрес го носеше од 2012 до 2016 година.