На десетина дена пред почетокот на новото издание во Евролигата, обложувалниците ги објавија квотите за титулата во елитното европско натпреварување.
Прв фаворит за трофејот е неговиот бранител – Реал Мадрид за кого коефициентот изнесува 5. Шпанскиот гигант не претрпе големи промени во текот на летото, си заминаа Ханга, Корнелие, Вилијамс Гос и Рендолф, но се засили на плејмејкерската позиција со враќањето на Факундо Кампацо кој во Суперкупот на Шпанија потврди дека се наоѓа во фантастична форма.
Зад Реал се исклучително засилените Монако и Панатинаикос со квота 7, потоа Фенербахче и Олимпијакос со 9, а дури зад нив е Барселона со 9,5.
Интересно е тоа што букмејкерите не веруваат многу во Црвена Звезда која направи речиси целосен ремонт на тимот, со 10 нови кошаркари. Белградскиот тим е дури 11. во рангирањето со квота 21, а пред него е градскиот ривал Партизан со 16. Со оглед на тоа што од оваа сезона во Евролигата ќе има плејин во кој ќе играат екипите од седмата до десеттата позиција, српските гиганти би се бореле за место во овој дел од сезоната.
Најголем аутсајдер е Алба за која квотата за титула е 251, пред неа е Асвел со 201, а потоа Виртус со 67.