„Сакавме да го нападнеме Дражен и да му ја скршиме главата“

0Shares
0 0

Поранешниот водач на навивачите на Црвена Звезда, Зоран Тимиќ објави автобиографска книга со наслов „Може ли со вас да го уништам возот?“ во која раскажува интересни случки од своите тифо-денови.

Една од најзанимливите е онаа поврзана со Дражен Петровиќ која ги шокира сите љубители на кошарката на просторите на поранешната СФРЈ. Навивачите на Звезда планирале физички напад врз Дражен со цел да го спречат да ја одведе Цибона до нова титула во периодот кога загрепскиот клуб доминираше не само во Југославија, туку и во Европа.

„И Звезда беше добра во тој период, но не можевме да ѝ парираме на нивната генерација. Тоа ни паѓаше многу тешко и не фрустрираше. Одевме редовно на кошарка и на сите гостувања во Загреб, но редовно губевме. Во тоа време често престојував во Загреб, познавав многу Срби кои живееја таму.

Зимата 1985/86 седевме во нашата база и зборувавме што можеме да направиме за да ја симнеме Цибона од врвот. Ни беше јасно дека главната алка на екипата е Дражен Петровиќ. Некој предложи да го уплашиме или да му се заканиме, а на крајот одлучивме да го следиме. Во време кога немавме автомобили и мобилни телефони, тоа беше тешко да се изведе.

Како што се развиваше ситуацијата, нашите идеи се радикализираа. Од првиот план да го уплашиме, стигнавме до полесен ќотек, а потоа и до кршење на колената или главата, се поради желбата да не игра на главните натпревари. Заклучивме дека никогаш не е сам што претставуваше голем проблем бидејќи со него постојано беше или некоја девојка или другар од клубот. Ги дознавме сите детали од неговото дневно движење и ги разработивме до најситен детаљ и местото и начинот на можната акција, како и подоцнежната евакуација.

Кој беше епилогот? Звезда таа сезона не влезе ни во финалето од плејофот, па нашата акција немаше смисла и се повлековме“, напиша Тимиќ.

Ако е точно тоа што го пишува тој, целата приказна делува малку нелогично бидејќи навистина Црвена Звезда таа сезона не играше во финалето, но се сретна токму со Цибона во четвртфиналето од плејофот и загуби со 1-2, така што навивачите на белградскиот клуб имале причини да го остварат својот план и да го нападнат Петровиќ. Тоа е сезоната во која Цибона ги освои титулите во Купот на европските шампиони и во Купот на Југославија, но киксираше во првенството каде Задар направи сензација во она фамозно финале и го освои трофејот.

0Shares
0 0