По седум години, Горан Самарџиев ќе го нема во стручниот штаб на Еуро Никел и без него, клубот од претстојната сезона ќе почне нова етапа во својата историја.
Досегашниот тренер не доби продолжување на договорот кој му истече со завршувањето на последната натпреварувачка кампања. Зад него остануваат вкупно седум години во тимот на Еуро Никел од кои четири како главен тренер, а три како помошник.
„Без разлика на разделбата, јас сум благодарен за укажаната шанса да го водам Еуро Никел последните четири години и му посакувам се најдобро на клубот. Детали одлучија да не се пласираме во полуфиналето од последната сезона, но сепак сум задоволен од она што го поминавме заедно и морам да кажам дека уживав во секој ден во Еуро Никел.
Во спортот нема емоции, животот продолжува понатаму и јас сум подготвен за следниот предизвик во кариерата. Сметам дека имам што да понудам, три децении сум во кошарката, а се надевам дека еден ден повторно ќе ни се вкрстат патиштата со Еуро Никел“, изјави Самарџиев за КОШ.МК.