По два одиграни натпревари во Летната лига, првиот пик од последниот драфт Виктор Венбанјама ќе замине на одмор, по одлука на раководството и стручниот штаб на Сан Антонио Спарс.
На двата меча на кои настапи, младиот Французин постигна вкупно 36 поени, 20 скока, 8 блокади и 3 асистенции за 54 минути на теренот. Одлуката на Спарс да ја пуштат на одмор својата најголема ѕвезда не е големо изненадување бидејќи не ни беше планирано тој да ги игра сите натпревари на Летната лига во Лас Вегас, но љубителите на кошарката очекуваа да го видат барем уште еднаш. Во последните три меча, Сан Антонио ќе биде без него, а Венбанјама конечно ќе има можност да одмори по исклучително напорната година.
Со оглед на тоа што го откажа својот настап на претстојното Светско првенство, тој ќе може да се насочи на својата дебитантска сезона во НБА во која од него многу ќе се очекува.