Полскиот интернационалец Томаш Гиело ќе се обиде да ја пополни празнината во тимот на Сарагоса која настана со повредата на Бориша Симаниќ.
Србинот беше опериран пред две недели и му беше изваден едниот бубрег откако на мечот против Јужен Судан на Светското првенство доби силен удар. Поради операцијата, шест месеци нема да може воопшто да тренира, а потоа ќе му треба најмалку уште толку за, евентуално, да се врати на кошаркарските терени.
Полскиот крилен центар доаѓа од турскиот прволигаш Меркезефенди, а веќе има долго искуство од шпанската кошарка бидејќи таму настапуваше од 2016 до 2018 година. Последен клуб во АЦБ лигата му беше Андора, во сезоната 2021/22. Во договорот меѓу Сарагоса и Гиело стои дека кошаркарот може да си оди во декември ако една од страните е незадоволна од соработката.