Сагата околу Никола Миротиќ заврши несреќно по Партизан и по сите навивачи на белградскиот клуб кои со нетрпение го очекуваа во своите редови.
Црногорецот со шпански пасош минатата недела имаше договорот со актуелниот освојувач на АБА лигата, требаше само тоа да биде официјализирано, дури и екипата беше правена по него, но сепак, Миротиќ нема да биде играч на Партизан. Причините за тоа ги објави во долгото писание на социјалните мрежи.
„Со недели излегуваат најразлични информации за мене и продолжението од мојата кариера. Надвор од мојата волја и желба и без мое знаење, а секако далеку од вистината, се објавуваат наменски пишувани текстови, некои од нив се фантазија и произволни заклучоци на поединци и сето тоа предизвика големо внимание кое моето семејство и јас не го сакавме.
Откако во јавноста излегоа информации за мој трансфер во Партизан, почнаа закани и навреди кои многу ме изненадија и повредија бидејќи не сакам да бидам личност која ќе ги дели луѓето по каква било основа, а најмалку по боите на клубот. Одлучив да не бидам дел од таквата атмосгфера и дека ни себе, ни семејството да го изложувам на натамошни непријатности.
Во интерес на вистината, морам да истакнам дека заканите не дојдоа од таборот на Црвена Звезда и дека со тој клуб секогаш имав добра комуникација и респект. Исто така, сакам да кажам дека мојата желба да играм за српски клуб не беше условена ни од финансиски понуди, ни од боите на кој било клуб – сакав само да играм во земјата која ја сакам. Му благодарам на Партизан на укажаната доверба и желбата да бидам дел од нивниот тим, но сепак донесов одлука дека за моето семејство и за мене е најдобро кариерата да ја продолжам во клуб надвор од Србија“, напиша, меѓу другото, Миротиќ.
Ваквиот развој на настаните го става Партизан во исклучително непријатна ситуација бидејќи е прашање дали во овој момент може да се ангажира суперѕвезда како Никола Миротиќ со оглед на тоа што најголем дел од европските клубови веќе ги формираа ростерите и речиси сите квалитетни играчи се зафатени. Што се однесува до Миротиќ, интерес за него покажаа неколку европски гиганти, се чини дека е најблиску до Панатинаикос, но свои шанси имаат и Монако и Олимпија Милано.