Легендата на кавадаречката и македонската кошарка Горан Самарџиев од денеска не е тренер на Еуро Никел.
Од функцијата, популарниот Шуш си заминува по четири години во кои оствари низа забележителни резултати од кои секако најголем е пласманот во големото финале од плејофот во 2021 година кога Еуро Никел загуби од МЗТ Скопје. Вкупно, во стручниот штаб на тимот беше седум сезони бидејќи претходно работеше како асистент на Љупчо Малинков. Неговиот договор со Еуро Никел истече со завршувањето на сезоната, а потоа е одлучено тој да не ја води екипата во иднина.
Засега не е познато кој ќе го наследи 43-годишниот стручњак на клупата, но јасно е дека менаџментот на Еуро Никел ќе има тешка задача да најде соодветна замена.
Официјално, ова е прва тренерска смена по завршувањето на сезоната во македонското кошаркарско првенство.