Поранешниот европски шампион повторно во последен момент ќе ја спасува својата егзистенција, односно ќе се обиде да избегне пропаст.
Последниве години тоа е редовна практика во Цибона која не успева да најде инвеститор и зависи од милоста на Градот Загреб. Иако најголем дел од екипите во АБА лигата, па и во хрватското првенство веќе ги имаат комплетирано составите за новата сезона, Цибона дури сега почнува со неговото составување.
Откако на крајот од минатата сезона, тогашниот тренер Јосип Сесар поднесе оставка, вчера е назначен неговиот наследник. Станува збор за 59-годишниот сплиќанец Јакша Вулиќ, стручњак кој во 2012 година како селектор на јуниорската репрезентација на Хрватска освои златен медал на Европското првенство, со Даријо Шариќ во составот. Во еден период од кариерата му беше помошник на Божидар Маљковиќ во Цедевита, а работеше уште во хрватските клубови Хирон, Дубрава, Сплит, Боско и Забок, како и во БиХ, Словенија и Саудиска Арабија.
Покрај него, нов член на Цибона е американскиот плејмејкер Алекс Стајн, поранешен играч на филијалата на Кливленд Кавалирс. Загрепскиот тим ќе мора брзо да се комплетира и да почне со подготовки бидејќи новата сезона стартува кон крајот на август, а во првото коло од АБА лигата, Цибона гостува во Чачак, кај Борац.