Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ и претстојната сезона ќе биде член на Задар откако денеска го продолжи договорот на уште една сезона.
Искусниот кошаркар дојде во култниот хрватски клуб во март годинава и ги освои симпатиите на сите во и околу Задар, па на општо задоволство останува во екипата. Со Задар, тој ја освои шампионската титула во домашното првенство, четврта во историјата на клубот, а по Тодор Гечевски, стана втор Македонец со трофеј со овој клуб.
„Среќен сум што останувам и што ќе продолжам да соработувам со тренерот Данијел Јусуп и мнозинството кошаркари со кои ја делев соблекувалната минатата сезона. Не постојат пари кои можат да ја заменат радоста од освојувањето на шампионската титула на Вишњик. Возбуден сум и среќен што повторно ќе играм пред задарските навивачи и играчите кои станаа мои пријатели“, изјави Мекиќ по потпишувањето на договорот.
На 18 натпревари во дресот на Задар, Мекиќ просечно постигнуваше по 6,9 поени, 2,5 скока и 2,2 асистенции. Во новата сезона ќе има право на настап и во АБА лигата што ќе биде од огромно значење и за него и за македонската репрезентација.
На 27-годишна возраст, Мекиќ веќе има шест шампионски титули од кои пет со МЗТ Скопје во македонското првенство и една со Задар во хрватското.