Талентираните Марин Петков и Марко Миловановиќ се нови членови на актуелниот македонски првак МЗТ Скопје.
Петков беше довчерашен, а Миловановиќ поранешен младински репрезентативец со тоа што двајцата сериозно чукаат на вратата на сениорската селекција и во блиска иднина ќе бидат меѓу носителите на играта.

Миловановиќ (21 година) првпат ќе заигра на македонската кошаркарска сцена бидејќи досегашниот дел од кариерата го градеше во Италија, а во МЗТ Скопје доаѓа од тамошниот второлигаш Јуви Кремона. Во 2018 година, крилниот играч, висок 196 сантиметри, беше дел од идеалната петорка на Европското кадетско првенство Б-дивизија што се одржа во Сараево.
Марин Петков (20 години) доаѓа од градскиот ривал Феникс со кој минатата сезона стигна до финалето на Купот на Македонија. За него долго време се шпекулираше дека ќе се пресели во МЗТ Скопје, но до последен момент размислуваше дали да се реши на таков потег во кариерата. На неодамнешното Европско младинско првенство Б-дивизија во Скопје, тој беше еден од најдобрите наши кошаркари и просечно постигнуваше по 7,6 поени и 2 скока на натпревар.
Миловановиќ и Петков се првите потврдени засилувања за МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона. Соработката со шампионот ја потврдија Војдан и Дамјан Стојановски и Андреј Андоноски, а КОШ.МК минатата недела објави дека е постигнат договор и со хрватскиот кошаркар Марко Баковиќ.