Во период од две недели, Пелистер направи тренерска смена и донесе едно репрезентативно засилување со кое ќе се обиде да ги повтори резултатите од претходните две сезони кои ги завршуваше како вицешампион во домашното првенство.
На тренерската позиција сега е Дарко Радуловиќ кој веќе ја водеше екипата против Работнички во Првата лига и Шенчур и МЗТ Скопје во АБА, а од денеска официјално, нов играч на битолскиот клуб е Андреј Магдевски. Двајцата веќе имаат заедничка историја бидејќи беа дел од МЗТ Скопје во сезоната 2020/21 кога аеродромци дојдоа до двојната круна во домашната кошарка.
Радуловиќ тогаш го наследи Ѓорѓи Кочов на тренерската функција, а Магдевски ја играше третата сезона во дресот на МЗТ Скопје. Заедно ја освоија осмата титула за МЗТ Скопје при што Магдевски беше прогласен и за МВП на финалната серија во која за противник, клубот од Аеродром го имаше Еуро Никел.
Во Пелистер сега е уште еден поранешен член на МЗТ Скопје од тој период – Андреј Маслинко кој му беше соиграч на Магдевски и кратко работеше со Радуловиќ.