Црногорскиот стручњак Душко Ивановиќ ја плати цената на лошиот старт на Црвена Звезда во Евролигата.
По само четири одиграни кола, тој вечерва доби отказ на тренерската позиција со што завршува неговиот речиси едногодишен престој на клупата на српскиот шампион.
„Во оваа прилика, клубот му се заблагодарува на Душко Ивановиќ за се што направи во претходниот период, огромниот труд кој го вложи, начинот на кој ја претставуваше Црвена Звезда и му посакува многу здравје и успех во следниот период“, се вели во соопштението од белградскиот клуб.
На Ивановиќ најмногу му се забележува тоа што летово сам го скрои тимот, а сепак не ги оствари резултатите што се очекуваа. Звезда донесе десет нови кошаркари, пред се искусни играчи од кои се очекуваше да се борат за место на Ф4, а место тоа, екипата е на 16. место на табелата во Евролигата. Сепак, најинтересно е тоа што разделбата со Црногорецот доаѓа на една недела пред двојната пресметка со големиот ривал Партизан со кого Звезда ќе игра по еднаш во Евролига и АБА.
Позицијата на Ивановиќ ќе ја пополни грчкиот стручњак Јанис Сферопулос кој од 2018 до 2022 година беше на клупата на Макаби, а претходно уште четири сезони го водеше Олимпијакос. Засега од клубот нема официјална потврда на оваа информација, но грчките медиуми тврдат дека се е договорено и дека Сферопулос утре или в понеделник ќе биде назначен за нов тренер на Звезда, а дебито ќе го има во „вечното“ дерби со Партизан.