Еден ден откако ја прославија првата шампионска титула во НБА на Никола Јокиќ, љубителите на кошарката во Србија доживеаја голем шок.
Американски медиуми денеска објавија дека МВП од финалната серија во НБА нема да игра на претстојното Светско првенство што од 25 август до 10 септември ќе се одржи во Јапонија, Индонезија и Филипини. Според овие извори, Јокиќ во тој период има голема семејна прослава на која сака да присуствува и поради тоа нема да биде во можност повторно да го облече дресот на националниот тим.
Засега се е на ниво на шпекулации бидејќи вчера селекторот на Србија, Светислав Пешиќ изјави дека Јокиќ се наоѓа на списокот на кошаркари на кои планира за Мундобаскетот. Мора да се има предвид и тоа дека суперѕвездата на Денвер сезонава одигра 89 натпревари во НБА од кои 69 во основниот дел и 20 во плејофот, а сезоната, заедно со подготовките и Европското првенство, му трае 10 месеци.