Екипата на Улм е сензационален шампион на Бундеслигата, првпат во своето постоење. Во големото финале, Улм го победи тимот на Ти Џеј Шортс, Телеком Бон со 3-1, а вечерашниот дуел, на домашен терен го доби со 74-70.
Одлучи неверојатниот почеток на последната четвртина која домаќините ја отворија со 18-0 и од -8 (61-69), отиде на +10 (79-69). Во натамошниот дел од натпреварот, Телеком Бон успеа да се доближи на три поени негатива (69-72), но не и да ја анулира предноста на противникот. Шортс го заврши натпреварот како најефикасен во својата екипа со 19 поени, 7 скока и 6 асистенции, но по триумфот во Кошаркарската Лига на Шампиони и освоените МВП признанија во тоа натпреварување и во Бундеслигата, не успеа да се закити со уште еден трофеј.
Со ова, Улм дојде до првата шампионска титула во својата историја, а до неа дојде на спектакуларен начин. Во плејофот влезе од седмата позиција и на патот до трофејот ги елиминира најдобрите три екипи од основниот дел: прво Алба, па Баерн и во финалето Телеком Бон кој беше првопласиран во лигашкиот дел.
Не е исклучено денешниот натпревар да беше последен за Ти Џеј Шортс во дресот на Телеком Бон имајќи предвид дека за него постои интерес од голем број европски клубови.