Плејмејкерот на Работнички, Андреј Шошкиќ има исклучително бурно и напорно лето, без речиси ниеден ден одмор.
Откако го заврши својот настап на младинското Европско првенство Б-дивизија во Скопје, замина со јуниорската репрезентација на Македонија чиј капитен ќе биде на уште континентален собир кој утре почнува во португалскиот град Матосињос. Репрезентацијата вчера замина за оваа пиринејска држава, а првиот меч ќе го игра в сабота, против Велика Британија. Шошкиќ е оптимист дека искуството од младинската селекција може да го пренесе во јуниорската и да помгоне во уште еден голем успех.
“Екипата е целосно подготвена за првенството. Иако не тренирав постојано со овие кошаркари, верувам во сите нив, со најголем дел сум многу близок што е многу важно за хемијата во екипата. Се разбира дека има една цел на секое првенство – да се освои и се надевам на повторување на успехот со младинската репрезентација“, изјави Шошкиќ за КОШ.МК.
Европското првенство во Португалија нема да значи крај на обврските за него бидејќи тој се најде на поширокиот список на кошаркари на селекторот на сениорската репрезентација Александар Јончевски за олимписките претквалификации што ќе се одржат во Талин идниот месец.