Заврши групната фаза од Европското јуниорско првенство Б-дивизија што се одржува во португалскиот град Матосињос, а македонската репрезентација нема многу причини за задоволство од досега прикажаното.

Со само една победа на првите четири натпревари, нашите кошаркари како четвртопласирани во групата поминаа во следниот дел од првенството и ќе се борат за место од 9. до 16. позиција. Ќе мора нешто драстично да се смени во натамошните натпревари за да се оствари колку е можно подобар пласман.

Ако има светли точки во репрезентацијата, тоа се капитенот Андреј Шошкиќ, центарот Марко Луканоски, како и Никола Јаничиќ. Шошкиќ и Луканоски се убедливо најдобри во сите статистички категории во нашата селекција. Шошкиќ е најдобар стрелец и асистент и има највисок индекс, а Лукановски е прв скокач, но и таму блиску до него е плејмејкерот на Работнички. Шошкиќ има и трет највисок просечен индекс на првенството (22,3) и два пати за малку му избега трипл дабл ефект.

Треба да се истакне и Никола Јаничиќ кој е најмлад во оваа конкуренција бидејќи денеска го слави својот 16. роденден и игра со една-две години повозрасни од себе. Кошаркарот на Водно Санс е трет стрелец и трет асистент во тимот и од него се очекува да блесне на Европското кадетско првенство што ќе се одржи во Скопје, почнувајќи од идната недела.