Македонската јуниорска репрезентација ја оствари првата победа на турнирот „Боби Петковски“ што се одржува во Гевгелија.
Во второто коло, нашите млади кошаркари ја победија Црна Гора со 70-67 во исклучително израмнет и неизвесен меч. По вчерашниот убедлив пораз од Грција, на играчите на Андреј Апостолски Лечиќ им беше потребен ваков натпревар за враќање на самодовербата во подготвителниот период.
Разликата од дуелот против Грција беше во тоа што сега капитенот Андреј Шошкиќ доби помош од своите соиграчи, пред се од Павел Иванов и Ангел Стојанов. Иванов за 34 минути на теренот постигна 19 поени и 6 скока, а Стојанов стигна до 11 поени. Вчера Шошкиќ беше единствен расположен за игра и реализира речиси третина од вкупниот број поени на нашата селекција.

Сепак, огромен проблем на кој Лечиќ и неговите помошници Димитриевски и Србиновски ќе мораат да работат пред Европското првенство Б-дивизија се слободните фрлања. На денешниот натпревар, нашите кошаркари имаа дури 21 промашен „пенал“ и 40% успешност што е катастрофално ако се знае дека се работи за кошаркари кои од претстојната сезона треба да биде професионалци. Ако погодеа барем уште некое слободно фрлање, победата многу порано ќе беше запечатена и немаше да има неизвесност до последната минута. За споредба, Црногорците промашија само четири шута од 15 обиди и имаа 73%.
Шанса за поправка на овој елемент, македонските репрезентативци ќе имаат утре во дуелот со Израел, уште една селекција која ќе учествува на Европско првенство (А-дивизија) ова лето.