Младинската (М20) репрезентација на Македонија утре како домаќин го почнува својот настап на Европското првенство Б-дивизија.
Една од најталентираните генерации во поновата историја на македонската кошарка ќе се обиде да ја однесе оваа селекција во елитниот ранг за што би требало да ја има и помошта и поддршката од домашната јавност и публиката. Најмладиот во оваа репрезентација е Андреј Шошкиќ кој летово ќе има исклучително напорна задача затоа што освен на ова Европско првенство, ќе учествува и на јуниорскиот континентален шампионат кој почнува на 22 јули. Кошаркарот на Работнички очекува добар настап на младинската репрезентација и борба за медал.
„Со секој тренинг, екипата е во се подобра форма и очекувам тоа да се потврди и на Европското првенство. Ја има потребната хемија во репрезентацијата, а тоа е исклучително важно за вакви натпреварувања.
Се надевам на добра игра на сите кошаркари кои ќе добијат минутажа на првенството. Главна цел е пласман во А-дивизијата, односно медал од овој шампионат и верувам дека можеме да го оствариме тоа“, изјави Шошкиќ за КОШ.МК.
Македонската репрезентацијата е во групата А, со Чешка, Словачка, Бугарија и Ирска, а првиот натпревар го игра утре од 18:30 часот.