Неколку часа по враќањето на српската кошаркарска репрезентација од Манила, докторот Драган Радовановиќ јавно откри некои детали од ситуацијата со Бориша Симаниќ.
Меѓу другото, кажа дека кошаркарот загубил 2 литра крв и дека било неопходно да биде извршена трансфузија за да го спасат. За помош се пријавила мајката на Бпгдан Богдановиќ.
„Пет минута по повредата, по некои знаци, забележав дека е многу сериозно. Го однесовме в болница каде не можевме брзо да ги спроведеме сите процедури. Специјалистите не беа во болницата, туку млади лекари кои веднаш им се јавија на своите поискусни колеги. Урологот кому му беше испратена снимката инсистираше да го оставиме Бориша една ноќ в болница и утредента да видиме како ќе се однесува.
Водевме борба прво да ја повториме снимката, а потоа сите да дојдат за тој да биде опериран навреме. Загуби повеќе од два литра крв при операцијата. Во пет часот утрото ни рекоа дека немаат доволно крв затоа што Бориша е А негатив, па цело утро баравме крв.
Никој од нас ја немаше таа група, освен мајка му на Богдан Богдановиќ. Жената веднаш тргна со нас да даде крв, но од некои процедурални причини не можеше. Во еден момент ни спомнаа дека го повикале Црвен крст, а бидејќи јас сум претседател на оваа организација во Србија, го повикав нивниот Генерален секретар и во рок од два часа добивме доволно количини крв“, откри Радовановиќ.
Според него, добри се шансите Симаниќ да се врати на терен и повторно да заигра кошарка, но тоа не може да се случи пред идното лето. Симаниќ вчера се врати во Србија со остатокот од репрезентацијата и во Белград ќе ја продолжи терапијата по операцијата на бубрегот.