СИМИЌ: Ме радува залагањето на сите репрезентативци на тренинзите

0Shares
0 0

Безмалку една недела јуниорската репрезентација на Македонија се подготвува за Европското првенство што ќе се одржи од 30 јули до 7 август во турскиот град Измир.

Селекторот Тони Симиќ на располагање има 18 кошаркари кои најчесто работат по два пати на ден. Утре селекцијата заминува во Маврово каде ќе остане една недела и таму ќе го одигра првиот подготвителен натпревар, против М20 репрезентацијата.

„Почнавме на 15 јуни, овие денови бевме редуцирани на тренинзите бидејќи некои од кошаркарите ги вршеа неопходните лекарски прегледи за да видиме каква е физичката и здравствената состојба кај нив. Крај на сезоната е, некои од играчите завршија порано со обврските кон своите клубови, некои неодамна и затоа сакавме да имаме јасна слика пред да одиме за Маврово каде ќе го поминеме најнапорниот дел од подготовките и кој мораме да го одработиме на највисоко можно ниво.

Во однос на репрезентацијата, кошаркарите се заедно само пет дена (неделата беше слободна н.з.) и засега се е според посакувањата и плановите. Се тренира максимално, играчите се свесни дека конкуренцијата е голема и даваат се од себе за да се изборат за место во конечниот список. Ме радува нивното залагање, но и тоа што од првиот ден атмосферата е одлична. Дел од кошаркарите се немаа долго време видено затоа што некои играат во странство, а и покрај тоа функционираат фантастично, како да се постојано заедно. Се надевам дека вака и ќе продолжиме и на крајот се ќе биде како што планиравме“, информира Симиќ.

На Европското првенство, Македонија ќе биде во група со Франција, Израел и Велика Британија, тешки ривали кои треба добро да се анализираат за да се најдат нивните слабости. Селекторот засега е насочен само на македонската репрезентација, со противниците ќе се занимава нешто подоцна во текот на подготовките.

„Иако е рано да се зборува затоа што до првенството има уште повеќе од еден месец, главна цел за оваа репрезентација би била опстанок во елитната конкуренција, односно А-дивизијата. Одлично е тоа што добивме можност да играме на Европското првенство бидејќи тоа за нас е награда, а за репрезентативците и можност за демонстрирање на своите квалитети пред пошироката европска кошаркарска јавност.

Уште не знаеме со што точно располагаат другите репрезентации, некои од нив не се ни почнати со подготовки, па не можеме да направиме ни анализа за противниците. Ние малку порано почнавме и ќе имаме 45 дена да се подготвиме најдобро што можеме за првенството. Се разбира дека нема ни натпревари, но за многу брзо ќе се отворат картите“, додава Симиќ.

Во овој период, покрај селекторот, во стручниот штаб се уште Нермин Пепиќ и Анатолиј Романов, а се очекува во Маврово да се приклучи и Никола Велев. Во следните шест недели, планирани се 8-9 дуели со Бугарија, Грција, Црна Гора и Хрватска, а завршниот дел, пред патувањето, ќе биде одработен во Скопје.

0Shares
0 0