На ден пред почетокот на Европското младинско првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Скопје, македонските кошаркари ги прават последните подготовки за походот кон елитната конкуренција.
Со оглед на тоа што станува збор за репрезентација до 20 години, во нашиот тим има повеќе играчи кои веќе имаат и настапи во сениорската селекција, а со тоа и искуство на меѓународна сцена. Меѓу нив и Теодор Симиќ кој веќе три години е сениорски репрезентативец и еден од најголемите надежи на македонската кошарка. Кошаркарот на Борац Бања Лука ги пренесува последните импресии пред стартот на шампионатот.
„Подготовките поминаа во најдобар ред, имавме еден месец да се подготвиме за она што следува, одигравме и три натпревари и секој од нив беше различен. Сепак, покажавме карактер и потврдивме дека знаеме да играме како тим.

Атмосферата во репрезентацијата е одлична, добро се познаваме меѓу себе, поврзани сме играчите меѓу себе, како и со тренерите, а тоа е најважно за остварување добар резултат. Со малку среќа и поддршка од трибините, можеме да оствариме добар резултат. Би сакал публиката да биде наш шести играчи бидејќи тоа ќе ни значи на сите нас“, вели Симиќ за КОШ.МК.
Сите во нашата репрезентација се уверени дека Македонија може да се бори за место на подиумот на првенството, исклучок од тоа не е ни Тео.
„Наши најголеми ривали за врвот се Чешка, Шведска и Финска во борбата за првите три места. Сепак, би сакал да одиме натпревар по натпревар, а потоа ќе мислиме на она што не очекува на крајот“, додава Симиќ.
Токму Чешка ќе биде прв ривал на македонската репрезентација, утре од 18:30 часот во Кале каде нашиот тим ќе ги игра своите натпревари од групната фаза на ова првенство.