МЗТ Скопје од вечерва е втор клуб во историјата на македонското првенство со двоцифрен број шампионски титули.
Аеродромци го освоија десеттиот трофеј и уште повеќе се доближија до својот најголем ривал Работнички кој во досегашните 30 сезони (во 2020 година не беше прогласен шампион поради корона пандемијата) стигна до 15 титули или точно половина од нив.
Водството на Работнички се должи на доминацијата во првите години по осамостојувањето на Македонија, но овој процент во 2006 година беше далеку подобар затоа што во воведните 14 сезони, екипата од Градски Парк, 13 пати беше шампион на Македонија. Оттогаш само два пати го освои пехарот, а од 2009 година тоа се случи само еднаш.
МЗТ Скопје опасно се приближува, од 2012 година е убедливо најуспешен домашен кошаркарски колектив со десет титули и седум Купа, а веќе го помина Работнички во куп-натпреварувањето каде има 11 пехари, еден повеќе од ривалот од Градски парк. Односот на освоени титули на овие две екипи пред 11 години изнесуваше 15-0.
Кругот на шампиони во македонското првенство не е многу голем. Освен Работнички и МЗТ Скопје, прваци биле само уште Еуро Никел (тогаш Фенни Индустри) три пати и Николферт и Струмица по еднаш.
СИТЕ ФИНАЛИЊА ВО МАКЕДОНСКОТО ПРВЕНСТВО
1992/93 Годел Работнички 3-2 МЗТ Хепос
1993/94 Годел Работнички 3-2 Кочани Деликатес
1994/95 Годел Работнички 3-2 Деликатес
1995/96 Годел Работнички 3-0 МЗТ Скопје
1996/97 Годел Работнички 4-1 Жито Вардар
1997/98 Годел Работнички 3-2 МЗТ Скопје
1998/99 Годел Работнички 3-2 МЗТ Бос Скопје
1999/00 Никол Ферт 3-2 Годел Работнички
2000/01 Работнички 3-0 МЗТ Скопје
2001/02 Фершпед Работнички 4-2 Куманово
2002/03 Фершпед Работнички 4-0 Поло Трејд
2003/04 Фершпед Работнички 4-1 МЗТ Скопје
2004/05 Фершпед Работнички 4-2 Вардар Осигурување
2005/06 Фершпед Работнички 4-1 Вардар Осигурување
2006/07 Струмица 4-1 Фершпед Работнички
2007/08 Фени Индустри 4-3 Струмица
2008/09 Фершпед Работнички 4-2 Фени Индустри
2009/10 Фени Индустри 4-3 Вардар Осигурување
2010/11 Фени Индустри 4-1 Работнички
2011/12 МЗТ Скопје 4-1 Фени Индустри
2012/13 МЗТ Скопје 4-0 Кожув
2013/14 МЗТ Скопје 3-1 Работнички
2014/15 МЗТ Скопје 3-0 Куманово
2015/16 МЗТ Скопје 3-1 Куманово
2016/17 МЗТ Скопје 3-2 Карпош Соколи
2017/18 Работнички 3-0 МЗТ Скопје
2018/19 МЗТ Скопје 3-0 Работнички
2019/20 не е прогласен шампион
2020/21 МЗТ Скопје – Еуро Никел 3-0
2021/22 МЗТ Скопје – Пелистер 3-1
2022/23 МЗТ Скопје – Пелистер 3-0