Екипата на Пелистер дојде до првата победа во новата сезона откако на домашен терен го совлада МЗТ Скопје со 81-71.
Со тоа, битолчани делумно се одмаздија и за поразот во финалето од плејофот и за неодамнешниот во АБА 2 лигата, но во исто време најавија дека со новите засилувања се кадарни да се борат за највисок пласман. За шампионот, ова беше прв пораз, по победите против Кожув и Гостивар во воведните две кола.
Ретко се случува МЗТ Скопје на натпревар од домашното првенство ниеднаш да не се најде во водство, а таков беше случајот на денешниот меч. Со исклучок на првите 38 секунди во кои беше 0-0, Пелистер се наоѓаше во предност во остатокот од мечот, а највисоката разлика изнесуваше 20 разлика и ја достигна во втората четвртина.

Голем проблем за МЗТ Скопје беше повредата на искусниот Бојан Крстевски по само четири минута игра по што центарот не се врати во игра. Тоа дополнително го скрати ионака краткиот ростер на шампионот кој во Битола отпатува со само десетмина кошаркари. Пелистер ја искористи предноста под кошевите, па веќе во шестата минута поведе со 14-6, на крајот од првата четвртина имаше 20-13, а првпат до двоцифрена разлика дојде по тројката на Мијовиќ за 25-14. Четири минути подоцна, битолчани ги достигнаа највисоките +20 (38-18).
МЗТ Скопје брзо се созеде од шокот, до полувремето направи 12-1 и на голем одмор замина со едноцифрена негатива (30-39). Шампионот подобро го почна второто полувреме, по шест минути игра се доближи на само -3 (43-46), подоцна и на 47-48, но не успеа да го направи последниот чекор кон пресвртот. Со серија од 8-0, Пелистер повторно отиде на двоцифрена предност иако и тука не беше крајот.
Последниот обид на МЗТ Скопје да дојде до победа во Битола беше на почетокот од последниот квартал кога се доближи на 58-63, Пелистер повторно одговори со седум поени по ред и тука веќе стана јасно дека вицешампионот ќе дојде до победата.
Маслинко и Бернард со по 21 поен беа најефикасни во победничкиот тим кој доминираше под кошевите и оствари 15 скока повеќе од противникот, а оствари дури 14 офанзивни. Седрик Расел беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 18 поени, но најдобар играч е Душан Танасковиќ кој оствари дабл дабл со 17 поени и 10 скока, а по повредата на Крстевски остана единствена опција во нападот.