Слави Тафталиџе, ама слави и Аеродром

0Shares
0 0

Освојувачот на Купот на Македонија, ТФТ освои уште еден голем скалп во домашното првенство и ја продолжи победничката серија на домашен терен.

Тимот од Тафталиџе и порано го победи Пелистер, но не во шампионатот, туку во четвртвфиналето од Купот. Вечерва славеше со 89-78 и си ги зголеми шансите за пласман во плејофот што би бил огромен успех за клубот. На победата на ТФТ се израдуваа и во Аеродром бидејќи на три кола пред крајот на Суперлигата, МЗТ е осамен на првото место на табелата со бод повеќе од битолчани.

ТФТ го доби денешниот меч благодарение на одличното второ полувреме. Првото помина во израмнета игра при што највисокото водство го имаше домашниот тим (6-0) во првите минути. Сепак, Пелистер замина на голем одмор со предност од 45-42.

Во третата четвртина ТФТ направи пресврт, имаше и +8, а по 30 минути водеше со 68-62. Пелистер се врати на 67-70, но следуваше серија од 9-2 на домашната екипа за прва двоцифрена предност на мечот (79-69). Тоа очигледно беше шок за битолчани кои до крајот не само што не успеаја да ја загрозат победата на ТФТ, туку во еден период беа во негатива и од 15 поени (74-89).

Ландриус Хортон беше прв играч на ТФТ, постигна 25 поени, а го следеше Смит со 20. Голем проблем за Пелистер беше тоа што „играа“ само двајца кошаркари, Малешевиќ и Кесар кои постигнаа речиси две третини од вкупниот број поени.

За битолскиот тим не се загубени шансите за првото место пред плејофот, но освен што не смее да си дозволи уште еден пораз, мора да го победи МЗТ Скопје во последното коло на домашен терен.

Фото: Никола Спасеноски

0Shares
0 0