„Метлата“ што Реал ја доби од Барселона во финалето од шпанското првенство делумно го расипа впечатокот за сезоната на мадридскиот тим.
Освоени се трофеите во шпанскиот Суперкуп и Евролигата, а се чини дека по сето она што се случуваше во текот на сезоната, таквиот исход може да сги задоволи навивачите на Реал. Сепак, пред 11-кратниот европски шампион е период на реорганизација и реконструкција, период во кој ќе бидат направени големи промени.
На седум кошаркари им истекот договорите со завршувањето на сезоната, а според она што се најавува, само на двајца од нив се смета за идната натпреварувачка кампања – ветераните Серхио Родригес и Руди Фернандес. Кај Адам Ханга и Карлос Алосен има опција клубот да ги задржи уште една година, но најверојатно тоа нема да се случи, а Ентони Рендолф, Најџел Вилијамс Гос и Петр Корнели се со едната нога надвор од Реал.
И дел од оние кои се под договор не се сигурни за идната сезона, како на пример Алберто Абалде кој е обврзан со Реал до 2025 година, но информациите од Шпанија велат дека клубот не смета на него. Ели Ндиаје сериозно размислува да се пресели во НБА ако биде избран во првата рунда од драфтот, но Реал има многу таленти во својата школа и има кој да го замени. И натаму лебди прашањето и околу тренерската позиција иако Чус Матео ја освои титулата во Евролигата. Неговиот договор е со важност до летото 2024 година, но се уште се чека разврската во италијанското првенство за да се знае дали Серџо Скариоло ќе се врати во Реал.
Од играчите за кои е заинтересиран мадридскиот клуб, на прво место во моментов е довчерашниот кошаркар на Хувентут, Кајл Гај кој неодамна објави дека се разделил со тимот од Бадалона и дека е слободен играч. Се разбира, на прво место е Факундо Кампацо за кого, исто така, се чека крајот на АБА лигата за да биде откриено дали останува во Звезда или се враќа во Мадрид.