Европскиот шампион од 2017 година го одигра првиот подготвителен натпревар пред Мундобаскетот кој ќе се игра на Далечниот исток идниот месец.
Во Целје, Словенците ја победија Кина со 75-73, без помошта на својата прва ѕвезда Лука Дончиќ кој според правилата на НБА, не смее да се приклучи на националниот тим пред 28 јули. Селекцијата на Кина водеше безмалку во текот на целиот меч, во третата четвртина и со 11 поени разлика (42-31), но потклекна во финишот од тој квартал кога Словенија со серија од 10-0 прво го презеде водството, а во драматичниот крај успеа да дојде до победата.
Најефикасен во словенечката репрезентација беше Клемен Препелиќ со 20 поени, Самар додаде 12, а Глас 10. Ќи ја предводеше Кина со 16 поени, а Жао Руи реализира 13.
По овој меч, селекторот Александар Секулиќ им се заблагодари на Блаж Махковиќ, Миха Лапорник и Урбан Клавжар, а в петок се очекува да се приклучат Дончиќ и Чанчар, додека Тоби работи индивидуално во САД и ќе дојде на 7 август. Следниот тест на Словенија е на 2 август во Стожице против Грција, два дена подоцна гостува во Атина, на 8 август игра против Хрватска по што патува на спектакуларен турнир во Малага, заедно со домаќинот Шпанија и САД. Последниот меч пред Мундобаскетот е на 19 август во Токио, против Јапонија.