Искусниот грчки плејмејкер Костас Слукас официјално го напушти Олимпијакос по три сезони поминати во клубот од Пиреја.
Информацијата ја потврди шампионот на Грција кој преку социјалните мрежи му се заблагодари на Слукас за придонесот во досегашниот период. Според тамошните медиуми, одлуката на 33-годишниот кошаркар е предизвикана од тренерот Јоргос Барцокас и начинот на кој тој го користел во играта на тимот. Дури, во текот на сезоната, се пожалил и до сопствениците на клубот кои не реагирале на неговите поплаки.
🙏🏽 @kos_slou thank you warmly for everything you have offered to Olympiacos BC these past three years and for your great contribution for winning five titles and the qualification to two consecutive Final Fours. We wish you all the best in your career. #OlympiacosBC pic.twitter.com/1j4fdK7aQ2
— OLYMPIACOS BC (@Olympiacos_BC) July 6, 2023
Во понеделникот двете страни имале четиричасовен состанок на кој не било најдено решение за продолжување на договорот, а денеска Слукас им се јавил на браќата Ангелопулос и им се заблагодарил за понудата со што официјално го затвори поглавјето со Олимпијакос.
Веќе една недела се зборува дека Слукас ќе стане играч на Партизан и повторно ќе работи со Жељко Обрадовиќ поради што ваквиот развој на настаните и не е големо изненадување за љубителите на кошарката. Сепак, повеќе на оваа тема треба да се знае во неделите пред нас.
Слукас е втора голема ѕвезда што го напушти Олимпијакос ова лето. Минатата недела оттаму си замина МВП од основниот дел во Евролигата, Александар Везенков кој кариерата ќе ја продолжи во Сакраменто Кингс.