СМИЛКОВСКИ: Конечно сме здрави, подготвени и желни да го изненадиме МЗТ

0Shares
0 0

Дербито на деветтото коло од Првата македонска кошаркарска лига се игра попладнево од 17 часот во СРЦ Кале, а се среќаваат ТФТ и актуелниот шампион МЗТ Скопје.

Пред две години ТФТ не постоеше во прволигашката конкуренција, а сега е ривал на најреномираните македонски клубови што само по себе зборува за брзиот раст на овој клуб. Пред почетокот на ова коло беше на делба на третата позиција на табелата, а со евентуален триумф, ќе ја продолжи потерата по водечкиот тандем. ТФТ се најде во мала резултатска криза, претрпе три порази во последните четири кола како последица на неколку повредени кошаркари и заморот од долгите патувања во БИБЛ, но тренерот Смилковски тврди дека сега тимот е подготвен.

„Не очекува натпревар кој секако има посебно значење бидејќи играме против МЗТ Скопје, актуелен шампион на Македонија и најдобра екипа во земјава во последната деценија. И годинава МЗТ игра одлична кошарка, бележи добри резултати и се наоѓа во извонредна серија, како во домашното првенство, така и во АБА 2.

Ние, од друга страна, играме по системот топло-ладно, уште не сме фатиле ритам, имавме големи проблеми со повреди, згуснат распоред на два фронта, дефинирање приоритети на екипата… Мислам дека конечно сме здрави, желни и подготвени за денешниот противник и ќе сториме се што е во наша моќ да го изненадиме противникот и да дојдеме до победа на овој натпревар. Во секој случа, сигурен сум дека ќе биде одличен меч и дека ќе презентираме модерна кошарка“, изјави тренерот на ТФТ, Боро Смилковски за КОШ.МК.

Интересно е тоа што тимот од Тафталиџе за само 24 часа го очекува уште еден дуел, против Приштина во БИБЛ лигата.

0Shares
0 0