СМИЛКОВСКИ: Најголема цел на ТФТ е достојно да ги претстави Македонија и македонската кошарка

0Shares
0 0

Уште еден ден остана до историскиот настап на ТФТ во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите во ФИБА.

Ова е прв ваков настан во Македонија од осамостојувањето, па затоа и возбудата кај сите во клубот од Тафталиџе е голема. Екипите веќе пристигнуваат во Скопје, а ТФТ се труди престојот во македонската престолнина на сите да им остане во трајно сеќавање, по убаво.

Тренерот и прв човек на освојувачот на Купот, Боро Смилковски имаше исклучително напорни два месеца бидејќи откако стана јасно дека ТФТ ќе биде домаќин на овој квалификациски турнир, мораше да завршат еден куп административни работи, а во исто време да се поминат базичните подготовки на тимот кој тренира веќе 30-тина дена. ТФТ ја почнува клупската сезона во Македонија, а до крајот на септември, покрај настапот во квалификациите за Лигата на шампионите, го очекува и Суперкупот на Македонија, против МЗТ Скопје.

Подготвени ли сте физички и психички за натпреварот со Кемниц, меч на највисоко ниво во кратката историја на клубот?

„Чуда навистина се случуваат кога веруваме во нив, а ТФТ, нашите успеси од минатата година како и фактот дека сме учесници и организатори на турнир од ФИБА Лигата на шампиони е само една потврда дека кога доволно силно веруваш во нешто – тоа може и да се оствари.

Се уште под импресии за целокупните случувања веќе извесно време се подготвуваме на физички, тактички и психолошки план за натпреварот со германски Кемниц, се подготвуваме за натпревар кој навистина бара високо ниво на подготовка со цел успешно да парираме на фаворизираниот противник.“

Завршени ли се сите работи околу организацијата на турнирот?

„За нас како организација турнирот е веќе започнат со првото пристигнување на некоја од екипите и целиот ‘set up’ на арената ‘Борис Трајковски’ и сместувачките капацитети.

Со голема помош од доста волонтери пред се деца и луѓе од самата ТФТ организација, со огромна желба и макотрпна работа мислам дека сме добро подготвени за сите предизвици што со себе ги носи организацијата на овој реномиран настан.“

Во стручниот штаб на противничката екипа е Ѓорѓи Кочов, еден од најуспешните млади тренери во Македонија и човек кој добро ги познава квалитетите на ТФТ…

„Голема желба ни беше екипата на Кемниц уште пред самата ждрепка, пред се поради фактот што за противник ќе го имаме еден од нашите најдобри тренери и голем пријател на нашиот клуб – Џоле Кочов, тренер кој го има сиот наш респект за неговата работа.“

Се запознавте ли со противникот, со оглед на тоа што Кемниц имаше неколку силни тестови на подготовките и со максимален ефект доаѓа во Скопје?

„Конкретно, околу нашиот противник би напоменал дека станува збор за исклучително добра физичка екипа која има свој идентитет и многу добро знае што сака и како се постигнува тоа.

Агресивна екипа на двете страни на теренот, екипа која во текот на сите 40 минути е на 100% од своите можности. Беспрекорно ги одработија подготовките, честопати победувајќи ги своите ривали со голема разлика. Сигурно еден од фаворитите за освојување на овој турнир.“

По се што поминавте оваа година (трофеј во Купот на Македонија, пласман во полуфиналето од плејофот, пријавувањето во АБА 2…), како гледате на дуелот со Кемниц и на целиот турнир воопшто? Постои ли притисок?

„И покрај возбудата што со себе ја носиме со учеството на овој турнир ние немаме резултатски императив, освен обврската спрема себе самите да го дадеме својот апсолутен максимум кој доколку не биде доволен за победа, се надевам дека ќе биде доволен за достојно претставување на македонската кошарка и уживање респект кај противникот.

Имаме екипа чие јадро на домашни играчи остана непроменето, надополнето со неколку странски кошаркари меѓу кои имаме и наши повратници во ТФТ или домашната кошарка. Го имаме и нашиот капитен Нурминаторот (Едис Нури н.з.) кој воедно ќе биде и најстариот кошаркар во ФИБА квалификациите.

Самиот турнир претставува една одлична увертира на сезоната што следи, а истовремено можност за подлабока анализа во однос на составот и можностите на оваа екипа за претстојните предизвици.

За крај, би ја повикал македонската спортска јавност, како и сите љубители на спортот да ги посетат натпреварите на турнирот бидејќи навистина ке имаат можност да гледаат врвна кошарка.“

0Shares
0 0