Соборени сите рекорди: Дрес на Џордан од последното финале продаден за 10 милиони долари!

0Shares
0 0

Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња Мајкл Џордан постави уште еден рекорд кој веројатно долго нема да биде соборен.

Негов дрес од првиот натпревар во финалната серија во 1998 година, против Јута Џез, денеска е продаден на аукција за 10.091.000 долари што е нов рекорд не само во кошарката, туку воопшто во спортот. Досегашниот го држеше дресот на Диего Марадона од фамозниот меч со Англија на Светското првенство во 1986 година, попознат по „Раката на Господ“ (Hand of God) кој достигна цена од 9,3 милиони долари. Таа сезона (1997/98) беше последна на Џордан во дресот на Чикаго Булс и во неа ја освои шестата шампионска титула. За неа е снимен и документарниот филм „Последниот танц“.

„Во неделите откако го објавивме почетокот на аукцијата, се јави невидена возбудена, не само од љубителите на спортот, туку од колекционери кои сакаа да го имаат ова парче од историјата. Сепак, денешниот рекорд потврди дека Џордан неспорно е најголем на сите времиња, а неговото име е подеднакво важно во спортот како пред 25 години“, изјави директорот на аукциската компанија Сотби, Брам Вахтер.

Од компанијата признаа дека очекувале сума меѓу 3 и 5 милиони долари, со оглед на продадениот дрес од Коби Брајант во мај оваа година, за 3,7 милиони. На аукција за дресот на Џордан имало вкупно 20 наддавања, до постигнувањето на конечната сума. Најскапиот предмет на Џордан досега изнесуваше 2,7 милиони долари, а стануваше збор за сликичка со неговиот потпис, исто така од сезоната 1997/98.

0Shares
0 0