Нема дилеми дека француското чудо Виктор Венбанјама ќе биде избран како прв пик на претстојниот драфт и кариерата ќе ја продолжи во Сан Антонио Спарс, но неговата најголема цел во моментов не е поврзана со НБА лигата.
Младиот центар сонува за успех со својата репрезентација која ова и идното лето ја очекуваат настапи на две големи натпреварувања.
„Знаете дека Олимписките игри во 2024 година ќе се одржат во Париз. Мојата цел е да го освоиме златото и тоа со победа против САД во финалето“, изјави Венбанјама за ЕСПН.
На Олимпијадата во француската престолнина, „триколорите“ можат да имаат трио од неверојатно високи центри: Венбанјама, Руди Гобер и Жоел Ембид со тоа што овој последниот иако има француски документи, неизвесен е за настап за националниот тим на оваа земја. Тоа го прави тимот предводен од Венсан Коле голем фаворит за златниот медал кој би бил прв во историјата, по трите сребра. Интересно е тоа што и на претходните Олимписки игри, во финалето се сретнаа САД и Франција и тогаш славеа Американците со 87-82.