Финалната серија во НБА лигата почнува вечерва, во 2:30 часот по полноќ, а тренерот на Мајами, Ерик Сполстра го изнесе планот на неговиот тим – како да се излезе на крај со големиот фаворит за титулата.
Според аналитичарите, Јокиќ и неговите соиграчи имаат поголеми шанси за трофејот, но Сполстра тврди дека има решение, барем кога се работи за натпреварите на домашен терен.
„Нашите момци се во одлична форма, сакаат да се натпреваруваат. Ако од Денвер сакаат серијата да почне на Монт Еверест, можеме и така. Ако сакаат така, пак ќе мораат да се вратат во Мајами. Ќе им ја исклучиме климата, мораат да играат на 30 степени, со голема влажност, ќе им ги уништиме нозете“, изјави Сполстра, се разбира, на шега, откако новинар го праша како играчите на Мајами ќе го поднесат планинскиот воздух во Колорадо.
Оваа „тактика“ на Мајами и тренерот можеби ќе донесе резултат на домашен терен, но сепак Денвер има еден натпревар повеќе пред своите навивачи, а во годинашниот плејоф не е совладан во својата арена.