Репрезентациите на Канада и Србија ќе го одиграат првиот полуфинален натпревар од Светското првенство и ќе го дадат првиот патник во мечот за титулата на ова натпреварување.
Тоа ќе биде нивен прв дуел во оваа фаза на светските првенства што е и нормално ако се знае дека Канада никогаш порано не дошла до овој сегмент. Интересно е тоа што двете репрезентации досега имаат идентичен биланс, четири победи и еден пораз.

Во српската селекцијата, самодовербата е на највисоко ниво по убедливиот триумф против Литванија во четвртфиналната фаза. Иако загуби од Италија во групата, енергијата во тимот сега е огромна бидејќи ослабениот српски тим сфати дека може да игра против секого. За време на Мундијалот, Србите се соочија со проблеми со повреди, но сето тоа е надминато и Светислав Пешиќ, освен Симаниќ, ги има на располагање останатите кошаркари.
Многу работи ќе зависат од Никола Милутинов кој треба да води голема борба под кошевите со противничките кошаркари. Ако успее да ги оптовари, ќе отвори простор за надворешните играчи, пред се Богдановиќ и Гудуриќ кои можат од дистанца да го загрозат противничкиот кош.

Канада беше на неколку минути од испаѓање од овој Мундијал на дуелот со Шпанија, но успеа да го сврти резултатот за потоа без поголеми проблеми да ја елиминира Словенија. Канаѓаните имаа далеку потежок пат од Србија на ова првенство бидејќи во групната фаза играа со Франција, Шпанија и Летонија, а потоа и со Словенија која го има најдобриот стрелец на шампионатот Лука Дончиќ. Интересно е тоа што ги победи сите четири, а единствениот пораз го доживеа од селекцијата од која најмалку се очекуваше – Бразил.
На хартија, Канада има многу поширок и поквалитетен состав од својот денешен ривал, но прашање е дали може соодветно да го искористи, а и дали ја има хемијата на српската репрезентација. Повторно се ќе се врти околу Шеј Гилџес-Александер, а во одбраната околу Дилон Брукс кој треба да ги неутрализира најдобрите противнички кошаркари. Нема да биде изненадување ако тој е задолжен за Богдан Богдановиќ, како што во четвртфиналето го извади од колосек Лука Дончиќ.
Натпреварот меѓу Србија и Канада се игра од 10:45 часот. Српската репрезентација последен пат играше во финалето во 2014 година, а Канада никогаш не била во мечот за титулата.