Никогаш во историјата, српската репрезентација не го освоила златниот медал на олимписки игри, а само еднаш поранешната држава, СФР Југославија, во 1980 година, се искачила на највисокото скалило од пиедесталот.
Во Србија сега се решени да ја прекинат таа традиција и на Олимпијадата во Париз да атакуваат на титулата. За таа цел, претседателот Александар Вучиќ денеска вети премија од 200 илјади евра за секој кошаркар одделно.
„Ние чекаме злато во Париз, не сребро, туку злато. Гледам дека Леброн Џејмс собира најсилна екипа, ете прилика да ги победиме. Ние ги исполнуваме сите наши обврски, го зголемуваме наградниот фонд и секој спортист ќе добие по 200 илјади евра за златен медал“, изјави Вучиќ пред денешниот свечен пречек на кошаркарите во Белград.
Србија е една од осумте репрезентации кои обезбедија директен пласман на Олимписките игри во Париз, покрај домаќинот Франција, потоа САД, Германија, Канада, Јапонија, Јужен Судан и Австралија. За сребрениот медал на штотуку завршеното Светско првенство, секој кошаркар доби бонус од 25 илјади евра.