Опстанокот на АБА лигата се наоѓа во рацете на српските клубови и, како што тврдат медиумите кај нашиот северен сосед, извесно е дека многу скоро ова натпреварување ќе замине во историјата.
Раководството на АБА има неколку идеи за реорганизација и промена на системот на натпреварување, но се во моментов зависи од иднината на Партизан и Црвена Звезда во Евролигата. Се погласно се шпекулира дека овие два клуба ќе добијат тригодишна лиценца за настап по што нема да постојат препреки тие да излезат од АБА затоа што регионалната лига повеќе нема да има никакво значење.
Кулминација е актуелната ситуација во која Црвена Звезда одбива да го игра финалето затоа што термините се судираат со оние од домашното првенство, а се поголеммо е незадоволството од раководењето на АБА лигата не само кај српските клубови, туку и кај останатите поради калкулантскиот однос и математиките кои се прават во однос на учесниците.
Србите се сигурни дека можат да направат лига која ќе биде посилна од АБА, а во која Партизан и Црвена Звезда би се вклучиле во втората фаза. Отсуството на српските клубови не мора нужно да значи крај на АБА лигата бидејќи ова натпреварување и почна без Србите, пред 22 години, но јасно е дека во сегашната ситуација многу би влијаело на квалитетот со оглед на значењето на Партизан и Звезда, не само во регионот, туку и во европската кошарка.