Поранешниот репрезентативец на СР Југославија и Србија и Црна Гора, Милан Гуровиќ остро го нападна довчерашниот тренер на Црвена Звезда, Душко Ивановиќ поради неговите методи на работа.
Кошаркарот кој беше еден од најзаслужните за светската титула на СРЈ во 2002 година во Индијанаполис, откри дека одбил да игра во Басконија (тогаш Тау Керамика) во 2003 иако имал преддоговор со клубот.
„Не сакав да играм за него затоа што не сакав да се повредам и со тоа да си ја скратам кариерата. Не постои играч што не се повредил со него и тоа сериозно. На пример, за три месеци нема слободен, тоа е масакр секој ден. Прашајте ги играчите на Црвена Звезда, сега можат да кажат слободно“, изјави Гуровиќ во еден српски поткаст.
Ивановиќ беше тренер на Звезда безмалку една година, но пред две недели неочекувано доби отказ иако тој го правеше тимот во текот на летото. Не остана долго без работа бидејќи веднаш потпиша за Басконија чиј предводник ќе биде по четврти пат во кариерата.