Стигнаа првите закани за Хрватите ако излезат од АБА лигата

0Shares
0 0

Познатиот српски менаџер Мишко Ражнатовиќ им се закани на хрватските клубови по најавите дека би можеле да ги напуштат натпреварувањата под закрила на АБА.

До идната недела, тие имаат рок да се изјаснат дали ќе играат во АБА или во Алпе Адриа купот, а со тоа и во куповите на ФИБА. Ражнатовиќ се огласи преку Твитер со најава дека ова нема да помине со негово одобрување.

„Потполно е извесно дека ако хрватските клубови не настапуваат во АБА лигата, туку во Алпе Адриа или слично, јас ќе дадам се од себе, моите млади клиенти да одат во средини и лиги во кои можат да се развиваат. Тоа е моја обврска. Натпреварувајќи се во овие лиги тоа сигурно не можат и ќе го задушат талентот што го имаат“, напиша Ражнатовиќ.

Не е тајна дека тој е „сива еминенција“ во АБА лигата, дури и поседува еден клуб во неа, а преку својата агенција ги води кариерите на голем број, пред се млади кошаркари. Голем број од нив играат во јадранските лиги, а воопшто не му оди во прилог да се натпреваруваат во Алпе Адриа купот каде учествуваат клубови од Австрија, Хрватска, Чешка, Полска, Словачка и Словенија. Оваа сезона титулата ја освои Патриоти Љевице од Словачка, а од Хрватска и Словенија играа екипи од „вториот“ ешалон како Шибенка, Горица, Шкрљево, Шенчур и Илирија. Словенците стигнаа до четвртфинале, Хрватите ни до таму.

0Shares
0 0