Еден од најталентираните македонски кошаркари Димитар Зетов претстојната сезона ќе го носи дресот на финалистот од Купот, Феникс.
Во Гази Баба, тој доаѓа од тимот на Струмица кој минатата сезона испадна од елитната дивизија, а во меѓувреме му го отстапи своето место во Втората лига на Маџари. Иако само 17-годишен, Зетов веќе има зад себе голем број важни натпревари, како за својот досегашен клуб, така и во младинските селекции.
Минатата сезона одигра 15 натпревари во Првата лига, со ефект од 4,7 поени и 1,1 асистенција, а најмногу се истакна во мечот со вицешампионот Пелистер против кого реализира 20 поени. Бројката на одиграни натпревари и поени ќе беше уште поголема ако не беше повредата која го одвои од терените во период од четири месеци.
Лани, Зетов беше дел од кадетската репрезентација која настапи на Европското првенство во Скопје и го освои 12. место. Тој е вкупно петто, но прво домашно засилување за Феникс за новата сезона во која клубот од Гази Баба ќе дебитира на меѓународна сцена, преку квалификациите за ФИБА Европа купот.