Судир на иднината: Талентите на Реал и Црвена Звезда приредија спектакл

0Shares
0 0

На ден пред почетокот на Ф4 од сениорската, стартуваше завршниот турнир од јуниорската Евролига која брои осум екипи.

Првиот натпревар предизвика огромно внимание, а заслужни за тоа се двете млади ѕвезди кои се појавија на теренот. Реал Мадрид ја победи Црвена Звезда со 85-81 во меч во кој своја пресметка имаа Никола Топиќ од Звезда и Хуго Гонзалес од Реал.

Настап за паметење имаше Топиќ кој постигна 39 поени, 8 асистенции и 6 скока, плус 12 изнудени лични грешки. Загуби и седум топки, но крајниот индекс е воодушевувачки – 48. Сепак, тој немаше соодветна помош од соиграчите меѓу кои само Авлијаш беше двоцифрен и тоа со 10 поени. Звезда имаше негатива и од 20 поени во текот на мечот, во финишот се доближи на -2, но само ја направи завршницата неизвесна.

На спротивната страна, Гонзалес заврши со 24 поени, 8 скока, 6 асистенции и 5 украдени топки за индекс 29. За разлика од Топиќ, на младиот Шпанец на помош му дојдоа повремените членови на првиот тим на Реал, Јан Виде кој постигна 19, Егор Демин 14 и особено Исмаила Диањ кој заврши со 17 поени и 15 скока и индекс 31.

Реал Мадрид во Каунас ја брка четвртата титула во јуниорската Евролига откако на неа триумфираше во 2015, 2019 и 2021 година. Црвена Звезда досега има еден трофеј, освоен во 2014 година.

0Shares
0 0