По денешната одлука на Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, Работнички во следните четири кола од домашното првенство ќе биде без својот најпознат играч Квентон Декоузи кој е суспендиран поради тоа што го нападна Дамјан Стојановски и еден од судиите на мечот против МЗТ Скопје.
Тимот од Градски парк остана со тројца странски играчи, но сепак има џокер во ракавот кој би можел да го искористи во оваа ситуација. Се работи за српскиот интернационалец Никола Малешевиќ кој се уште е под договор со Работнички и тој важи до крајот на оваа сезона, но досега не играше и не е регистриран затоа што на него не сметаше досегашниот тренер Димитар Мираковски. Искусниот крилен играч не ги помина ни подготовките на екипата, но за разлика од Горјан Марковски, со кого клубот постигна спогодба за раскин на соработката и тој се пресели во ТФТ, Малешевиќ уште е играч на Работнички.
Сега е исполнет и вториот услов тој да се врати бидејќи Мираковски повеќе не е тренер на Работнички, но сепак ќе треба да се почека до официјалното назначување на новиот шеф на стручен штаб за да биде јасно дали и тој не би имал против Србинот пак да го облече „црвено-белиот“ дрес. Малешевиќ дојде во Работнички на средината од минатата сезона и потпиша договор до 2024 година.
Што се однесува до Декоузи, можно е натпреварот со МЗТ Скопје да беше последен за него во тимот на Работнички. И за него, конечната одлука ќе ја донесе новиот тренер кој би требало да биде назначен до крајот на неделата.