Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс официјално ја заврши соработката со Телеком Бон и се очекува наскоро да го објави името на својот нов клуб.
Плејмејкерот беше член на бундеслигашот само една сезона, но остави длабока трага бидејќи ги освои сите важни индивидуални признанија, а на клубот му го донесе најголемиот успех во историјата. Беше прогласен за МВП на основниот дел на сезоната во германското првенство и во Кошаркарската Лига на Шампионите, како и на завршниот турнир од континенталното натпреварување на кој Телеком Бон оствари сензационален успех, освојувајќи ја титулата.
„Ти благодариме, Мистер МВП“, стои во насловот на текстот објавен на официјалната страница на Телеком Бон, а понатаму пишува: „Клубот сака да му се заблагодари на Ти Џеј Шортс за неговата пожртвуваност и неверојатниот придонес во освојувањето на титулата во Лигата на шампионите, како и пласманот во финалето од германското првенство. Многу среќа во иднина на спортски и индивидуален план“.

Ваквиот развој на настаните, односно разделбата меѓу Шортс и Телеком Бон беше најавен уште во текот на сезоната, а уште повеќе интензивиран по заминувањето на тренерот Томас Лисало. Се очекува македонскиот репрезентативец да му се придружи на финскиот стручњак во Париз Баскет каде деновиве треба да потпише договор на 1+1 сезона. Таму веќе го очекуваат и тројца поранешни соиграчи: Мајкл Кесенс, Леон Крацер и Тајсон Ворд.
Париз Баскет претстојната сезона ќе учествува во Еврокупот што ќе биде чекор напред во кариерата на Шортс.