Теодор Симиќ е најубавата бајка во историјата на македонската репрезентација

0Shares
0 0

Знаевме и пред вечерашниот натпревар, но сега сме сигурни дека имаме кошаркар кој во следните 15, можеби и 20 години ќе биде дел од македонската репрезентација и сигурно ќе ја води на големи натпреварувања.

Би требало подлабоко да се прочепка, дали од осамостојувањето на Македонија, еден 17-годишник бил најефикасен на официјален натпревар на нашата кошаркарска репрезентација. Сме имале играчи кои млади, како тинејџери влегле во националниот тим, но ниеден од нив немал таков ефект и придонес во играта како Теодор Симиќ, новото македонско чудо од дете за кое веќе знае Европа, а многу брзо ќе дознае и светот.

Момчето од Ѓорче Петров го најде моментот кога да биде најдобар – против актуелниот светски шампион и против репрезентацијата во чија земја игра веќе три години, како дел од младинскиот тим на Барселона. Таму добро го знаат, со Барса минатата сезона стана шампион на Шпанија во младинска конкуренција, а го чекаме денот кога ќе заигра во првиот тим на каталонскиот гигант.

Ќе остане запишано дека на мечот против Шпанија, 17-годишниот Теодор Симиќ за 16 минути постигна 18 поени и беше најдобар стрелец не само во македонската репрезентација, туку воопшто на мечот. Погоди 3/4 и за два и за три поена и 3/3 од линијата за слободни фрлања, ефект од кој не би се посрамиле и многу поискусни кошаркари.

Симиќ вечерва има една голема заслуга: придонесе многу полесно да го прифатиме тешкиот пораз од Шпанија и, всушност, да се чувствуваме како победници бидејќи загубивме еден меч, ама добивме играчиште.

0Shares
0 0