Теодор Симиќ првпат против МЗТ Скопје

0Shares
0 0

Еден од најголемите таленти во македонската кошарка Теодор Симиќ вечерва, првпат во својата кариера ќе игра против сениорскиот тим на МЗТ Скопје, деветкратен шампион на Македонија.

Од минатиот месец, нашиот центар е член на Борац Бања Лука со кого ќе учествува на меѓународниот турнир „Земун куп“, а учесници се уште домаќинот Младост, МЗТ и Вршац. Тоа ќе биде и една од најсилните проверки за босанскиот тим пред почетокот на новата сезона и настапот во АБА 2 лигата.

Симиќ веќе две недели тренира со своите нови соиграчи, по напорното лето кое го имаше со македонските репрезентации. Со сениорската учествуваше во мундијалските и европските квалификации, а со јуниорската, играше на Европското првенство во Измир пред крајот на јули и почетокот на август. Последната недела настапи и на неколку подготвителни натпревари, но со помала минутажа бидејќи подоцна се приклучи на подготовките.

Претходните четири години тој беше член на Барселона, во Шпанија замина на 14-годишна возраст и воопшто немаше можност да игра во македонското првенство. Токму затоа денешниот дуел против МЗТ Скопје ќе биде посебен за него, меѓу другото, ќе се сретне со неколку свои соиграчи од македонските репрезентации. Натпреварот се игра од 20 часот.

0Shares
0 0