Тренерот на Реал, Чус Матео и довчерашниот играч на овој тим Најџел Вилијамс Гос гостуваа во поткастот на легендарниот Џо Арлаукас и открија интересни нешта во врска со сезоната која измина.
Реал ја освои 11. титула во Евролигата откако во четвртфиналето направи невиден пресврт против Партизан и од 0-2, победи со 3-2. Вилијамс Гос тврди дека тепачката на вториот меч била пресудна за триумфот на неговиот тим.
„Она што се случи на вториот натпревар против Партизан позитивно влијаеше на нас. Таа тепачка не зближи, направи да се чувствуваме посилни како колектив“, рече Американецот кој дел од својата кариера помина токму во Партизан.
И тренерот Чус Матео се надоврза на она што се случуваше во таа фамозна серија и во тешките моменти за Реал Мадрид во која секоја грешка можеше да биде кобна.
„Се чувствувавме лошо, но почнавме да размислуваме како екипа, како колектив. Се обединивме во најтешките моменти. Имаше фрустрации, губевме со 2-0 и игравме лошо, но се издигнавме над сето тоа. Тоа што се случи во Мадрид, сепак, не беше добро и ние им се извинивме на сите“, рече Матео.
Во вториот натпревар од таа серија дојде до тепачка каква не е видена досега во Евролигата. Се почна од ударот на Љуљ врз Пантер, овој не се воздржа, туку се обиде да врати, па се вмешаа останатите актери како резултат на што, над 20 кошаркари беа исклучени. Најлошо помина Гершон Јабуселе кој доби суспензија на пет натпревари и не се врати во Евролигата до крајот на сезоната. Сепак, Партизан не успеа да победи на ниеден од двата натпревара на домашен терен, во петтиот натпревар водеше со 19 разлика, но загуби и не се пласира на Ф4. Понесен од сето тоа, Реал во Каунас ги совлада Барселона и Олимпијакос и дојде до титулата во Евролигата.