Десетина дена откако ја освои титулата во АБА лигата и дозна дека ќе стане татко, Данте Ексум поминува низ голема семејна драма.
Од родната Австралија пристигнале лоши вести дека неговиот татко Сесил Ексум е хоспитализиран и се бори за живот на интензивна нега. Засега нема официјални информации за што точно се работи.
Сесил Ексум стана популарен последната сезона во која во чекор го следеше својот син Данте, на натпреварите на Партизан. Не само што беше редовен гостин во белградската Арена, туку одеше и на гостувањата, особено во финишот од основниот дел од сезоната и во плејофот.
И тој во својата младост бил кошаркар, но најславните денови ги поминал во НЦАА. Во 1982 година станал шампион во оваа конкуренција, со Универзитетот Северна Каролина, во тимот во кој беа и Мајкл Џордан, Џејмс Ворти и Сем Перкинс.