По вчерашниот триумф против Норвешка, македонската јуниорска репрезентација денеска доживеа дебакл во дуелот со Исланд.
Групната фаза ја заврши со пораз од 59-92 и како четвртопласирана оди во борбата за пласман на Европското првенство Б-дивизија во Португалија. Слободно може да се каже дека ова беше убедливо најлошото издание на македонската репрезентација на овој шампионат.
Во првото полувреме нашите кошаркари некако и се држеа на резултатски план иако беше евидентен недостатокот на енергија и мотивација. Во осмата минута водевме со 13-8, но тоа беше се од македонската селекција на овој меч. Со серија од 10-0 противникот го презеде водството, на средината од вториот квартал поведе со 34-24, за на голем одмор да се замине со подносливи за нас 32-36.

Уште неколку минути Македонија се држеше некако, а потоа почна исландскиот марш. Со нова серија од 10-0 отидоа на 52-36, на две минути пред крајот на третата четвртина беше 59-39, а во последната четвртина беше комплетирана катастрофата на нашата репрезентација.
Тешко е да се каже кој беше најдобар во македонската селекција бидејќи сите играчи беа далеку под очекуваното ниво. Најмногу поени (13) постигна Луканоски, двоцифрен беше уште Јакимовски (11), а највисок индекс (11) имаше Атанасиј Трајанов. Сепак, нашата селекција ја загуби битката под кошевите (48/38 во скокови), имаше девет загубени топки повеќе од противникот (21/12) и постигна десет тројки помалку од Исланд.
Првиот противник во борбата за пласман од 9. до 16. место, Македонија ќе го дознае вечер, а тоа ќе биде Унгарија или БиХ.